„Фолксваген“ ја презеде трговската филијала на „Порше“
Уште еден значаен чекор на патот кон интегриран автомобилски концерн помеѓу Фолксваген и Порше
Г. Мартин Винтеркорн - претседател на управниот одбор на Фолксваген АГ: „Порше Холдинг Салцбург е една од најефикасните автомобилски компании во светот“
Волфсбург, 1 март 2011 - Германската компанија „Фолксваген“ денеска потврди дека ја презела фирмата Порше Холдинг Салцбург , една од филијалите на компанијата „Порше“ во Салцбург, која се занимава со продажба на автомобили, што е уште еден чекор на патот на здружување на компаниите.
„Фолксваген“ соопшти дека планираното преземање на работењето на фирмата „Порше холдинг“ во Салцбург, во вредност до 3,3 милијарди евра денеска стапило во сила. Седиштето на компанијата и натаму ќе остане во Салцбург.
Извршниот директор на „Фолксваген“, Мартин Винтеркорн изјави дека фирмата Порше Холдинг Салцбург е една од „најефикасните и најпрофитабилните трговски компании на светот“ и дека поради тоа значително ќе зајакнат активностите на продажба на „Фолксваген“. Порше Холдинг Салцбург со своите претставништва во над 18 земји во светот, се одликува со водечки системи и процеси и располага со огромно искуство во автомобилскиот бизнис.
Порше Холдинг Салцбург се интегрира како посебна десетта членка во концернот Фолксваген АГ и е најуспешната и најголемата приватна компанија во Европа со свое присуство во Австрија, Јужна и Западна Европа и во Кина. Во 2010 година успеа да пласира 565.000 возила, направи обрт од 12,78 Милијарди евра и вработува 21000 луѓе.
Порше Холдинг Салцбург има свое претставништво и во Македонија и со овој чин и официјално застапникот за Фолксваген, Ауди, Шкода и Фолксваген Комерцијални возила во Македонија - компанијата Порше Македонија станува 100 процентна сопственост на германскиот гигант Фолксваген АГ. Порше Македонија повеќе од една година работеше на подготовката за оваа интеграција и хармонизирање на процесите со Фолксваген и одсега и тие се дел најголемиот европски производител на автомобили - Фолксваген АГ.

